Брзо ургентен

Државна болница. Ќе кажам директно – уште малку и ќе беше сосема разрушена. Повеќето ВЦ-а не работат, а тие што работат – често без сапун, со шољи без капаци, а вратите дури и без кваки, па понекогаш стојат ширум отворени.

Големи саксии пред влезот како огромни пепелници, полни со догорчиња наместо цвеќиња. Но, за среќа, во Македонија големината на пепелниците има длабока смисла.

За „систем“ има бројки запишани на парчиња хартија. Ама, барем по изглед, ефикасност не е полоша отколку во Полска… иако е делумно неелектронска.

Така е. Пред извесно време во една од најглавните полски болници залудно одев од одделение до одделение со испечатен број во рака – ни персоналот ни лекарите не го разбираа новиот информатички систем.

Тука, дури нешто не работи, понекогаш можеш да ја завршиш работата „на човечки начин“. РТГ се расипало и пренос на слика на CD моментално не постои? Треба да чекаш 3-4 дена? Ништо. Одиш кај радиолог, правиш муабет (истовремено и за моторите), „штрак“ со телефон и снимка веднаш е испратена кај лекарот. Се враќаш во кабинетот и веднаш го добиваш упатството за наредни чекори. Браво.

Најдобар беше Ургентниот центар. Првиот пат не чекав ни три минути за да бидам примен. Наредниот пат дојдов по 23 часот затоа што бандажата почна да се одмотува. Истото искуство – без никаква опашка – веднаш бев примен. Последниот пат дојдов поради чувство на притисок од бандажата. Чекав само 15 минути.

Ќе спомнам и дека не сакаа да платам за прегледите. Платив само за првата помош и двапати за РТГ – неверојатно ситни пари.

Да резимирам: можеби и понекогаш изгледа дека ова е „теоретска држава“, но изгледа дека човекот во неа не е „теоретски“.

Теоретско“ сонце

Ама сонцето понекогаш е „теоретско“. Еднаш слушнав дека во Скопје има сонце во зима, но не се гледа. Да, има и такви денови, како зад магла. И тогаш те опфаќа неверојатен студ, иако нема ветар.

Како визуелно изгледа разликата помеѓу обични денови и кога сонцето е само „теоретско“? Првата слика е направена кога, според временската прогноза, нема сонце, а другата прикажува слична температура со „полно сонце“. Разликите во тоа како ги чувствуваш температурите во Скопје во зима, се навистина невероатни.

Утрината „без сонце“
Денот со „полно сонце и без облаци“

Да, знам – студот и магла се заглавени во котлината без шанса да се кренат нагоре, а на Водно инстовремено веројатно има сонце.

Пазарот што економисти не го сонувале

Македонската економија што не ја разбирам.

Плати мали, а трошоци големи. По патиштата возат многу убави коли. Гледаш журки и толпи млади што уживаат. Кафичи и кафани што се наоѓаат насекаде – полни со народ.

Ама има и друга страна. Гледам редовно и места што најчесто изгледаат пусти, поединци предолго седат над едно еспресо, а асортиманот не е многу поширок од самото кафе. И тогаш се прашувам – како се снаоѓаат?

Во Полска слушав од раководители на кафичи дека само со кафе не можеш да преживееш и дека е потребна брза ротација на муштериите.

Тука ми се чини дека пазарот навистина функционира поинаку.

Македонска „када со колонада“

Во Полска има една позната книга за архитектура на просторот, со наслов Када со колонада од Филип Шпрингер. И размислував дека цело Скопје е како таква сочинета када и колонада.

Кога секојдневно се враќам по булеварот Борис Трајковски, го гледам убавиот споменик:

А со додадена позадина – вакво чудо:

И Скопје, како што го гледам, е мешаница од:

  • Брутализам никнат по земјотресот,
  • Еклектички монументализам – вклучувајки недовршени згради и наследство од „Скопје 2014“, како и спомнатиот споменик.
  • Спорадични згради од постарото Скопје што ѕиркаат некаде случајно.
  • И општ неред со недовршени работи, но не сакам да се фокисрам на нив.

Скопје не е прекрасно, но се прашувам дали е грдо. Веројатно е недоследно. И можеби – искрено – токму тоа му дава некаков свој карактер.

Przewijanie do góry