
Македонски народни приказни –
зошто сѐ уште живеат
(и зошто резонираат со мене како Пазолини)
Доживувајќи тука неколку тешкотии поврзани со мојата повреда, а и едноставно поради чувството на осаменост, размислувам како изгледал животот на македонското село во 19-иот век. Луѓето тогаш немале струја, проточна вода ниту медицинска служба. Оделе од село до село пеш и морале сѐ да прават со свои раце – облека, алати, куќи. Тешко работеле по нивите и во домовите за да преживеат. Се раѓале многу деца, многу и умирале, а поголемиот дел од луѓето живееле во сиромаштија.
И покрај сето тоа, луѓето си помагале едни на други, имале многу мудрост, хумор и дистанца кон себеси. Едно од основните задоволства било навечер да седнат и да раскажуваат приказни, кои го одразуваат токму тие особини.
Грст историја за приказните
Приказните се познати пред сѐ од записите на прилепчанецот Марко Цепенков, терзија по професија, но и од Кузман Шапкарев, Стефан Верковиќ и браќата Миладиновци. Постариот брат, Димитар Миладинов, директно го поттикнал Цепенков за неговота работа.
Во соцјоетнографските истражувања во Македонија има и значајна полска трага. Јозеф Обрембски истражувал во Порече во текот на 1920-тите, занимавајќи се со митови, магиски верувања, баења и друго. Тој е и автор на вредни фотографии од тоа подрачје.
Враќајки се на Цепенков, тој собрал неколку стотини приказни, како и песни, гатанки, верувања, клетви, благослови, баења, соништа и нивни толкувања, игри и друг етнолошки и лингвистички материјал.
Во полската верзија на блогот преведов четири приказни од неговиот избор. Преводите се достапни на следните линкови:
Серија Македонски народни приказни – едно од моите први македонски восхитувања
Да спомнам и нешто јазично. Во тоа време за мене чудно звучеше зборот „народни“ во контекст на селската атмосфера на приказните. Во полскиот јазик блискиот збор „narodowy“ звучи повозвишено, повеќе како „национален“. А македонските „народни“ приказни повеќе одговараат на полскиот „ludowy“, од зборот „ludzie“ – луѓе.
Не се сесеќавам точно како ги „открив“ приказните – веројатно барајќи македонски филмови на YouTube, кога почнав да учам македонски. Знам дека за македонците зборот „открив“ можеби звучи чудно за толку позната серија.
Македонски народни приказни навистина ме маѓепсаа тогаш. Прво ја запознав новата серија, а потоа и постарата, снимана од 1984 година. Поточно е да се зборува за повеќе серии, снимани со различни телевизии и екипи: ТВ-Скопје (подоцна МРТ), А1, Сител, Канал 5 и најновите од Алфа.
Лично, најмногу ги сакам сериите со Гоце Тодоровски, Ванчо Петрушевски, Влао Дојчиновски, Шенка Колозова и, се разбира, Ѓорѓи Колозов. Би го спомнал и Лазар Бараков.
Зошто приказните резонираат со мене
Мислам дека тоа е предмодерната едноставност, ненаметливиот хумор, понекогаш и лесна сентименталност. Јасната поделба меѓу доброто и лошото – приказните не се само забава, туку и патоказ како треба да се живее.
Тие носат надеж во неволја: дека поради добрина и праведност, поради помагање на другите, ќе најдеш закопано богатство, ќе добиеш помош од Бога или од некоја волшебна сила, а лошите ќе бидат казнети. Алчноста, себичноста и самобендисаноста на богатите се исмеани.
Приказните ја потврдуваат вредноста на роднинските врски, пријателство, меѓусебна помош и вредност на чесната работа. Тие се и еден вид каталог на човечки типови и ставови – во таа смисла, приказните го уредуваат светот.
Значајна одлика на ликовите е ведрото прифаќање на сѐ што го носи животот – поим скриен во убавиот збор „к’смет“.
Фабулите, според мене, се како посегнување по нашите корени, по старите преданија. Тие будат заспани копнежи по времињата кога светот бил поедноставен, а истовремено помистериозен, и кога припадноста значела повеќе.
Приказните се смешни, интелигентни и вовлекуват во заплетот – а нивната едноставност е како смирувачки мелем против оптовареноста од стимулите во денешниот свет.
А зошто Пазолини?
Врската меѓу приказните и Пазолини можеби изгледа изненадувачка, но тука чувствувам најдлабока сродност.
Пазолини имал силен сентимент кон попримарните култури – селани, сиромашни, лумпенпролетаријат од римските предградија. Тој мислел дека тие култури имаат грациозност што се губи со развојот на цивилизацијата, а потоа одново никнува во највисоката култура. Тие поавтентични култури спротивставувал на конзумеристичката буржоазија и масовната културата.
Во тие средини наоѓал искреност, непосреденост и јасни моралн правила, иако не секогаш „убаво спакувани“.
Неговита љубов кон непрофесиналните актери доаѓа токму од нивната искреност. И иако во приказните глумат професионалните актери, нивните потези, истакнати, а сепак безпретенциозни, мене понекогаш ме потсетуваат на естетиката што, верувам, на Пазолини би му се допаднала.
Тој знаел да прикаже непосреден, духовит, селски хумор – не секогаш елегантен, но често интелигентен и полн со дистанца кон животот. Често на нежен начин.
Сето ова јас го наоѓам во приказните.